Од подобра инфраструктура до бесплатен автобуски превоз и за велешките пензионери, бараа жителите на Башино село од Премиерот Груевски
Изградба на улиците и тротоарите во селото, нови автобуси во кои беплатно би се возеле пензионерите од селото како дел од градскиот превоз во Велес, нова спортска опрема, потврди за појачана исхрана и степендии за средношколците од селото кои ја посетуваат спортската Академија за фудбал во Велес, парично обештетување за плацевите на велешко езеро на кои општина Велес планира да ја изгради туристичката населба, беа дел од барањата на жителите на Башино село на вчерашната средба со Премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев. Средбата се одржа на отворено, под јаворите на сред село како дел од посетата на Груевски на населени места во општината.
На дел од барањата одговори градоначалникот Чадиев а на дел Премиерот, кој побара одговор од ресорните министри и директори на државните институции.
„Улици ќе се градат но не и тротоари. Така се изјаснија стручните лица,“ рече градоначалникот Чадиев одговарајќи на прашањето зошто не се градат тротоари во селото а и улици.
„На јавното претпријатие во Скопје им купивте нови автобуси. Да им купите на сите градови во Македонија. Во Велес има три превозници има, да ни дадете нови автобуси и во одреден ден, вторник или петок, да не возат како што е во Скопје,“ побара пензионер од селото.
Премиерот Груевски му се заблагодари за идејата.
„Имаме наши деца, од селото, дваесет и двајца во една генерација, кои ја посетуваат спортската Академија за фудбал, добија стара опрема која е во функција и може уште да се користи но, требаше да добијат нова и да имаат појачана исхрана. Имаме деца, средношколци, кои ја посетуваат втора година и не земале стипендии, немаат појачана исхрана ниту нова опрема. Кога ќе се оствари ветеното,“ праша жител на Башино село.
Премиерот на телефон го побара заменик министерот за образование Спиро Ристоски кој одговори дека тој има информации според кои идната недела од Фудбалската федерација на Македонија, со која министерството потпишало договор, треба да испорача нова спортска опрема. За стипендиите Ристовски рече дека во првото полугодие на учебната година се собираат потврдите за потоа да започнат со исплатата на учениците кои учат во спортска академија за фудбал, ретроактивно од септември. Заменик министерот од Премиерот доби задача да го реши проблемот со дополнителната исхрана за овие средношколци во Велес.
„Општина Велес има распишано конкурс за стипендирање на најдобрите ученици. Во таа бројка од шеснаесет стипендии можат да влезат и овие ученици. Зборувам за најдобрите што се одлични ученици,“ рече градоначалникот Чадиев.
На жителка на селото, која побара обештетување за парцела на велешко езеро,од времето на социјализмот, на која сега општината планира да изгради туристичка населба, Премиерот одговори дека сега тоа тешко може да се реализира бидејќи го пропуштиле временскиот рок за денационализација. Градоначалникот пак го информира Премиерот дека има голем интерес за тие парцели на кои ќе се градат објекти исклучиво за домување.
Премиерот задолжи еден од неговите советници да ја преиспита поплаката кон полицијата што ја соопшти жител од Башино село и да го информира за тоа што ќе следува. /У.Ј