Во екот на ловната сезона ШС „Бабуна“ од ловџиите бара да бидат повнимателни откако четири дена гаснеше пожар во шумите околу село Мокрени
Гаснеме пожари наместо да сечеме и транспортираме огревно дрво, се пожалија денеска од Шумското стопанство „Бабуна“ во Велес. Директорката Љубинка Попова соопшти дека пожар во понеделникот ја зафатил шумата околу селото Мокрени и се до вчера, четврток, морале секој ден да го гаснат по 20 шумарски работници. Тие сега дежураат и контролираат огнот повторно да не се активира откако успеале да го изгаснат и да спречат пожарот да се прошири кон поголема квалитетна шумска маса од дабови и букови стебла. Според Попова изминатиот викенд таму ловџии биле на лов.
– За време на викендите, во сабота и недела, во овие реони има ловџии кои легално ловат крупен дивеч. Многу е често по нивното повлекување да се појавуваат некои помали задимувања кои шумарите досега успеваваа да ги изгаснат за краток временски период. Оваа сезона, ретко е но се случува да се запали листинецот и се појавуваат шумски пожари иако е месец ноември. Штета е да се запали шумата, која е со висок квалитет во тој регион , рече Попова.
Директорката Попова апелираше до ловџиите внимателно да се движат и особено совесно да се однесуваат при гаснењето на огништата во услови на голема суша што годинава продолжува иако е зима. Но, ако пожарите продолжат таа најави дека за заштита на шумите ќе бараат помош од полицијата.
– Поради тоа упатувам апел кон сите ловџии во општината и пошироко после легалното завршување на нивниот ловен ден да ги гаснат совесно огништата за да не ни предизвикуваат пожари и во зимскиот период. Не верувам дека пожарот што го угаснавме некој намерно го предизвикал. Но со појава на ветер, во услови на неколку месеци не заврнат дожд, листинецот поточна сувите лисија, кои паѓаат од дрвјата врз огништата што ловџиите ги палат за да се се грееат или приготват храна повторно се потпалуваат, додаде Попова.
Потврда дека ловџии ловеле во шумите околу селото Мокрени стигна од велешкото ловно друштво „Руен“. Но одтаму велат дека освен нив и рекреативци и овчари со стада минеле низ шумите иако целосно не се амнестираа од одговорноста поради можно недоволно внимание на некој од нив./У.Ј