Народниот лекар и познат Велешанец, д-р Панче Васков
Почитуван, хуман, посветен професионалец и ценет од своите сограѓани се само неколкуте зборови на примариус Д-р Никола Стојанов со кој го опиша својот колега , народниот лекар Панче Николов Васков.
Д-р Панче Николов Васков е роден на 10 јуни 1870 година, во Велес, како четврто дете на Никола Васков. Бидејќи семејството Васкови немале своја куќа живееле во куќата на вујкото на Панче, Андреја Коробар, кој бил еден од организаторите на ВМРО. Панче се родил и со своето семејство живееле кај својот вујко во убавата куќа, во центарот на Велес, покрај новиот мост и кај поранешната стоковна куќа „НА – МА“. Панче од мали нозе покажувал интерес за учење и наука. По завршување на основно и Гимназија завршил во Солун.
Таму се запознал со Гоце Делчев и секогаш учествувал на револуционерните кружоци.
По завршување на Гимназијата Васков добил стипендија од велешката општина која му овозможила да се запише на Медицинскиот факултет во Цариград. Како студент се поврзал со револуционерната група на Ѓурин Љапов, кој бил поврзан со ерменското револуционерно движење. Во 1896 година, на денот кога му била врачена дипломата за завршен медицински факултет, д-р Панче Васков учествувал во ерменските демонстрации низ улиците на Цариград заедно со поробениот ерменски народ. Како млад лекар таму им помагал на повредените Ерменци.
Сепак, својата професионална служба ја започнал во Костур како градски и околиски лекар. Стекнал голема доверба и како лекар и како револуционер па граѓаните го избрале за претседател на Костур. Тука, под турски терор и грчка пропаганда, д-р Васков ги поставува основите на ВМРО. И успеал да ја ликвидирал грчката пропаганда во костурско. Поради својата револуционерна дејност , бил фатен и осуден од турските власти на доживотна робија потоа бил испратен во Мала Азија, во затворот Ќој-Џааз.
Издржувајќи ја затворската казна, од 1896 до 1900 година, д-р Васков успеал да се поврзе со прогресивното движење од овој дел на Турција. И таму како лекар многу им помагал на граѓаните кои кога стекнале впечаток дека меѓу нив има народен лекар многу го почитувале. Особено сиромашните граѓани. Д-р Панче Васков ги сопрел ширењето на епидемиите на чума и колера и постигнал резултати во искоренувањето на болеста лепра. Стекнал голем авторитет па властите му предложиле да остане како лекар, со висока плата и звање. За сите тие заслуги во 1900 година бил амнестиран од Султанот и под притисок на големите сили бил вратен во Велес.
Така Д-р Васков по враќањето во Велес бил назначен за градски и околиски лекар. Негови големи заслуги се што одма се зафатил со искоренување на маларијата и туберколозата. Големи заслуги Васков има и за време на големата епидемија на колера и тифус во Велес, од 1910 до 1914 година, што тогаш беснеела на територијата на цела Македонија. Тој раководел со две болници и со натчовечки напори успеал да спаси повеќе илјади граѓани. За него немало работно време.
Како народен лекар се одликувал со морални особини. Ги лекувал сите, бил пријател и со сиромашниот турски народ иако, поради револуционерната дејност, тогашните бегови и аги, во велешко го прогонувале. Лекувал совесно и бесплатно. Ноќе и по неколку пати бил буден од граѓани со кој одел да им даде лекарска помош на болните. Поради алчноста на некои велешки чорбаџии не се дружел многу со нив. Се дружел со Петре Алчев, дрводелец, еден од водачите на социјалистичкото движење во Велес. За односот кон чорбаџиите примариус Д-р Стојанов, вели:
„При преглед на еден трговец, на заминување, тој на д-р Васков му дал свиткана една банкнота. Васков, без да види, механички, банкнотата ја ставил во џебот. Кога си дошол дома децата му ги пребарале џебовите барајќи бомбони. Кога ја нашле “банкнотата“ го прашале:
„Што е ова?“ а тој се се насмевнал и тивко рекол: „Наместо пари ми дал парчиња од весник!. Нека му служи на чест!“.
Доктор Васков не бил материјалист туку хуман човек. Затоа бил почитуван и ценет од сите Велешани. Потврда за ова е што не купувал имот, не трошел пари туку правилно ги воспитувал своите деца и вложувал во нивното образование. Неговото семејство продолжило да живее во куќата во која тој израснал, на вујко му Андреја Коробар но ги воспитал своите деца да бидат чесни, хумани и да ја сакаат својата Македонија.
Бидејќи живеел и работел во револуционерно време во куќата на Коробарови често доаѓале Гоце Делчев, Даме Груев, Петре Поп Арсов, Ѓорче Петров. Во таа куќа по иницијатива на д-р Васков е формирана и „Првата македонска учителска комуна“ на прочуените петмина учители меѓу кои особено се истакнале Ристо Крстев од Радовиш, Димитар Битраков од Охрид, и Димитар Хаџи Динев од Дојран како и првото крштевање што го добил првиот социјалист на Балканот, познатиот велешанец Васил Главинов. Тоа се случубало додека д-р Васков паралелно со работата во болницата, домашните посети на Велешани исто така стигнувал да ги лекува и болните и ранети борци од велешките чети, нивно пренесување низ планините и давањето на информации за движењето на непријателот.
Со својата дејност продолжил и за време на СХС, како директор на болницата, за бугарско, во времето на Народно ослободителната борба и по ослободувањето на Македонија.
Д-р Панче Васков, како почитуван и ценет син на Велес, починал 1951 година.
Неговото име заслужено го носи здравствениот објект што се наоѓа на левата страна во Велес во непосредна близина на автобуската станица.
И не само тој, д-р Панче Васков туку и неговите двајца браќа се познати во градот по своите револуционерни активности. Петар е познат водач на Одринското ослободително движење а Ордан бил еден од организаторите на отпорот против контра револуционерот битолскиот владика Глигориј.
Стоилко Андреевски