Прошетка за подобра образовна подготовка на учениците
Овие ученици од второ А во основното училиште „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ денеска ја разгледуваа околината. Прошетката е составен дел на наставната програма бидејки тие веќе утре на час ќе учат за се она од што е составена околината околу училиштето.
Прошетката ја започнале со тоа што поминале преку Мало мовче, од едната на другата страна во градот. Ги затекнавме на брегот на реката Вардар како разговараат за мостовите и за Градскиот саат како обележја на родниот град.
Наставничката ги праша како порано се викал Велес и кој епитет сега се врзува за името на градот? Најголем дел од учениците знаеја и за Вила Зора и за град на мостовите.
– Денешната прошетка е наша подготовка за градивото кое утре ќе го учиме на часот по природа. Прошетката започна од училишниот дел и особено ни е важно да видиме што се има околу нас. Задоволна сум што децата веднаш ги забележаа парковите, споменикот на Гемиџиите, што заедно разговаравме за четирите мостови, а сега ќе зборуваме и за Градскиот саат, железничката пруга и попатно за се она што ќе го согледаме, рече нивната наставничка.
Таа ни раскажа дека ваквата метода е многу значајна како и праксата што ја имаат воведено во наставата а тоа е претходна добра подготовка за темата која ќе ја учат на наредниот час. Според проценките на наставничката токму на овој начин полесно може да се совлада наставната материја и секако кај децата да се поттикне чувството за перцепција.