Работниците на велешка „Колска“ од понеделник ќе поправаат 75 товарни вагони
Сто триесет и двајцата работници на „Колска“ се вратија на своите работни места. Тие конечно ќе добијат работа од Македонски железници Транспорт и од понеделник ќе почнат да поправаат седумдесет и пет товарни вагони. Според директорот на фабриката, Борис Алчев , со склучениот договор со МЖ, работниците ќе имаат обезбедено работа и плата за наредните три до четири месеци. На новинарско прашање што ќе биде со заостанатите три плати на вработените, директорот информираше дека денеска на нивните трансакциони сметки ќе „легне“една ипол плата.
„Во теков на денешниов ден, еве и официјално можам да потврдам, дека ќе се исплати една ипол плата . Со самото добивање на работата, овој процес ќе тече и како доспева работата така ние ќе ги исплаќаме вработените. Тоа е значи сигурна исплата на плати“, рече Алчев.
Директорот Алчев најави дека се преземаат активности за припојување на „Колска“ кон Македонски железници и веќе бил изготвен акциски план за припојување. Тоа всушност беше и едно од барањата на вработените од неодамнешниот протест во дворот на фабриката.
Инаку денеска се одбележуваат точно сто години од основањето на единствената фабрика за шински возила во државата./Д.С