Оригинална фотографија на Раца Фирфова, девојката што го освои срцето на големот поет Кочо Солев
Секое утро, пред да изгрее сонце и се огласи училишното ѕвоно на Гимназијата во Велес, Кочо стоеше и чекаше да помине плавокосата велешанка Раца Фирфова. Вообичаено ја чекаше кај галаријата на Малото Мовче во Велес. Со поглед полн со надеж меѓу ученичките го бараше ликот на Раца, нејзините очи, насмевка. И секој пат тоа го правеше од далеку со намера да и шепне дека го зема нејзиното име за свое со што и дава вечност.
А таа, Раца Фирфова, додека со другарките иташе кон училиштето со поглед крадешкум го забележуваше Кочо и тивко како самовила молкум поминуваше покрај него. За Кочо таа, плавокосата седмокласничка Раца, беше најубавата девојка на која и посвети многу стихови и збирката „Антологија на болката“.
Кога ќе стивнеше звукот на гимназиското ѕвоно и се затвореше влезната врата на училиштето Кочо тивко и со натажен поглед си заминуваше за повторно да дојде на истото место веќе наредното утро. Надешта никогаш не го напушташе. Веруваше дека еден ден таа девојка, која ја љуби повеќе од се на светот, ќе му возврати со поглед и насмевка.
„ Го забележував како секое утро стои и чека да поминам. Го чуствував неговиот поглед и кришум го погледнував. Не го познавав и не знаев дека тој толку многу ме љубел и дека толку многу пател. Тоа го дознав откако ми ги испрати неколкуте картички. Неговите напишани зборови ми годеа но, тоа никогаш на никого не го кажав како што не кажав дека моите другарки ги читаа со мене,“ ми рече при нашата последна средба Раца Фирфова-Ѓоргова.
Тогаш Раца, ми кажа дека можеби поради тоа што Кочо секое утро ја чекал и гледал нејзините родители донеле одлука таа да се омажи за богатиот велешанец Никола Ѓоргов веднаш штом завршила седми клас.Се сеќавам како таа, со натажен поглед , гледајќи во книгата за Рацин, што ја држеше во раце, тивко ми рече: „ Сите картички беа напишани со топли зборови но, сепак една од нив најмногу ме погоди. Беше напишана со крв и во неа пишуваше : Го земам твоето име како мое, а за т тоа ти подарувам бесмртност, кондензиран во здив по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе… Моето идно име — ме врзува за секогаш со тебе….… Прости ми или проколнувај-сеедно,“рече Фирфова Ѓоргова.
Истражувајќи ја пронајдовме фотографијата на плавокосата седмокласничка Раца Фирфова. Еве ова е таа плавокоса муза на поетот. Ова е девојката што го освоила срцето на грнчарот и големиот македонски поет по која тагувал Кочо Солев и чие име го земал за псевдонимот Рацин. Порталот Дума прв ја објавува оваа фотографија благодарение Марин Клифов кој со години наназад ја чувал во ризницата на документи на Народниот музеј во Велес.
Стоилко Андреевски