(Видео и фото)„Мелничка исселеничка средба 2024 “: Исселениците им подарија незаборавна вечер на соседите, пријателите и гостите во село Мeлница, Општина Чашка
Се разлеаја мелодичните звуци на познатите македонски ора од тапаните и зурлите, вчера вечер, на сред село во Мелница. Тапанџиите и зурлаџиите го означија почетокот на формирањето на Дефилето од играорци, учесници на вторите „Мелнички исселенички средби“. Се формираше поворката во која зачекорија и жителите на селото и качени на коњи, во прегратките на татковците, седеа петте машки деца кои почитувајќи ја традицијата денеска ќе имаат сунет.
Дефилето прошета низ централните селски улици и стигна во дворот на ОПУ„Тодор Јанев“ во Мелница.
Таму го пречекаа, поканетите гости на исселеничките средби поточно градоначалниците на општините и претседателите на Советите на општините Чашка, Велес и Градско, претседателот на Националниот македонски совет на исселеници во Швајцарија, акцијаши ветерани од Велес , велешани коишто со организиран или индивидуален превоз допатуваа во Мелница како и организаторите на културната манифестација заедно со домаќините, жители на селото.
Во името на еден од организаторите на „Мелничка исселеничка средба“, претседателот на Македонското друштво „Мак Мел“ од Бургдоф, Швајцарија, Ердован Еки Етовски ги поздрави сите присутни гости и домаќини.
Втората „Мелничка исселеничка средба 2024“ за отворена ја прогласи Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка.
Организатоторите на средбата поделија Благодарници на бројни гости, учесници и поддржувачи на исселеничката средба.
Културно уметничката манифестација ја отворија фолклористките, домаќинки, од село Мелница заедно со играорките на фолклорните друштва од Чашка и од Крива Паланка.
На сцената потоа запеаја естрадните уметници додека гостите се забавуваа пеејќи и играјќи ора.
На крајот исселеничката средба заврши со забавата што на младите жители им ја приреди Ди Џеј.Организатори на културната манифестација се Општина Чашка, граѓанските здруженија „Мак Мел“ од Швајцарија и „Мел Мел“ од село Мелница.
Убавка Јаневска