(Видео) Паѓа притисокот на водата за пиење во градската мрежа во Велес – од „Дервен“ апелираат на рационална потрошувачка!

Објавено на 18 јули, 2023 во 16:16

Тропските горештини во Велес ја зголемија потребата од вода како за пиење така и за одржување на лична хигиена но и за разладување. Граѓаните кои што живеат во високите зони во градот се жалат дека немаат доволна количина на вода во чешмите. Освен за пиење се потешко се справуваат и со потребата од капење,туширањеи за перење. „На улицата „Белградска“ со денови немаме доволен притисок на вода во славините,“ се жалат граѓани. Поплаки стигнаа и од граѓани од „Сараевска“. Со се помали количества на вода во чешмите се соочуваат и велешани чии домови се во централното градско подрачје, кое се наоѓа на најниската кота на местоположбата на градот.

Дума.мк побара одговор на граѓанските прашања од ЈКП „Дервен“. Од таму одговорија:

„На Вашето новинарско прашање, а во врска со поплаки од граѓаните кои живеат на одредени локации во градот за намален притисок на вода во домовите, Ве известуваме дека поради екстремно високите температури кои го зафатија градот изминатава седмица граѓаните ја зголемија потрошувачката на вода, особено во периодот од 17:00 до 23:00 часот, и како резултат на тоа се појавува намален притисок на вода во водоводниот систем во овој период од денот. Значи не се работи за недостаток од вода што се пласира во системот од Фабриката за вода, туку за потрошувачка на вода која е поголема од количината за која е димензионирана водоводната мрежа.

За илустрација, просечната потрошувачка на вода во месец јуни изнесувала 178 л/сек, во првите десет дена од месец јули 189 л/сек, а изминатава седмица 210 л/сек, при што во периодот од 17.00 до 23.00 часот се искачува и до 230л/сек,“ одговорија на новинарското прашање на Дума.мк од општинското јавно комунално претпријатие.

Од „Дервен“ апелираат до граѓаните да се користи водата рационално и по потреба со цел сите да имаат задоволителен притисок на вода во домовите.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.