Возовите денеска не сообраќаат поради неисплатената плата на железничарите за месец април

Објавено на 5 јуни, 2023 во 16:43

На Железничка станица Велес не дојде патничкиот воз 7011/0506 од Скопје, претпладнево, во 9:30 часот, поради  прекинот на работа на вработените во Работна единица одржување – работилница во подружницата влеча на возови при ЖРСМ Транспорт. Работниците бараат исплата на плата за месец април и не ги одржуваат локомотивите и патничките гарнитури.

 -Бидејќи се уште не е исплатена платата за април работниците одлучија од денеска во 08:00 часот да не си ги извршуваат работните задачи односно нема да ги поправаат и прегледуваат машините и како такви тие не можат да бидат вклучени во сообраќај, соопштија за МИА од РЕ Одржување. Работниците испратиле известување до генералниот директор и Управниот одбор на ЖРСМ Транспорт.

Работниците потенцираат дека согласно постигнат договор со раководството на националната железничка компанија, доколку  до 15-ти во месецот не биде исплатен првиот дел од платата поточно до 25-ти вториот дел од платата, наредниот ден работниците ќе престанат да ги извршуваат работните задачи и нема да ги поправаат и прегледуваат машините.

Како што дознава Дума.мк од патници кои со месечни билети од Велес патуваат на работа во Скопје изминатиот петок,на 2 мај, исто така се соочиле со неможност да се вратат во Велес бидејќи немало патнички возови. Тогаш на Железничка станица во Скопје им било соопштено дека поради неисплатена втора половина на плата за месец април, машиновозачите одбиле да ги возат локомотивите. Наредниот ден возовите сообраќале но машиновозачи изјавиле дека раководството на Македонски железници им се заканило со откази.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License