ЗГ„Акцијаш ветерани“ садеше нови садници на брегот на велешко „Младост“- ветеранот Нацевски е ударникот на денот (фото)

Дваесет акцијаши ветерани на Работната бригада „Кочо Рацин“ на Здружението на граѓани„Акцијаш ветерани“ претпладнево земаа учество во акцијата за пошумување на брегот на велешко езеро „Младост“. Акцијата се реализирала под мотото „Засади дрвце – засади радост“. Ветераните на ова велешко граѓанско здружение садеа садници бор и чемпрес.


-Засадени се околу 1.000 садници на бор и чемпрес на парцела веднаш над популарно наречениот „Еко камп“ на езерскиот брег на иницијатива на Академија Јуниор од Велес. Тоа што од денеска како граѓанско здружение на акцијаши ветерани го воведуваме во акциите во којшто учествуваме или сами ги организираме е што прогласуваме „Ударник на денот“. Тоа е симболично оддавање почест на еден акцијаш ветеран кој се истакнал со доброволната работа во акцијата. Денеска тоа е нашиот акцијаш ветеран Симе Нацевски, којшто едногласно одлучивме дека заслужи да биде прогласен за „Ударник на денот“ поради тоа што вредно засади најголем број на садници. Му честитаме за неговиот успех, рече претседателот Горан Петков.

Петков додаде дека акцијашите ветерани на ова велешко граѓанско здружение денеска ги засадиле садниците заедно со децата, родителите и воспитувачките на велешката детска градинка „Димче Мирчев“ и со вработени на ШС „Бабуна“.
Убавка Јаневска
