Првата читална, во општина Центар, го носи името на Славко Јаневски!
Читална која го носи името на македонскиот писател Славко Јаневски е отворена во центарот на Скопје. На љубителите на пишаниот збор им нуди над 4.000 наслови кои се подарок од издавачката куќа „Култура“ на Трифун Костовски, книжарниците на „Матица“, „Младинска книга“ и „Матица на иселениците“.
Читалната ја отвори општината со помош на донаторите. Градоначалникот Андреј Жерновски им се заблагодари.
– Граѓаните го препознаа ова дело. Последните години во Центар се’ повеќе се’ отвораат коцкарници и кладилници, а ваквите места некако изумираат. Граѓаните сакаат и ќе имаат повеќе вакви читални – изјави Жерновски.
-Секој збор на Јаневски е драматичен лелек за македонската земја. Славко беше човек со искрени идеи, тој постојано предупредуваше дека јазикот треба да се чува, зашто многу јазици на мали народи исчезнале, рече академик Ѓорги Старделов.
– На таквите луѓе им е доволно ако заскитаат во некоја Комисија, во која друг ќе им чита, а други ќе гласаат. Има луѓе чии не причитале ни една книга и го употребуваат речникот на клевета. Делата на Славко Јаневски како вечен факел ја осветлуваат темната страна на македонските духовни врвови – изјави поетот, критичар и претседател на Македонскиот ПЕН центар, Ристо Лазаров.
Одлуката за отворање читална посветена на Славко Јаневски општина Центар ја донела пред лустрацијата на академик Јаневски, авторот на првиот македонски роман кој остави грандиозно дело. Ова е прва од вкупно осумте читални кои ќе ги отвори општина Центар и ќе носат имиња на познати македонски писатели.