Власта ги притиска новинарите од внатрешноста за зачленување во МАН!
Власта врши притисок врз локалните медиуми за што побројно членство на новинари во Македонската асоцијација на новинари (МАН), реагира Здружението на новинари (ЗНМ).
„Од регионалните центри на ЗНМ во Битола, Струмица и Штип сме известени дека сопствениците на неколку регионални медиуми бараат од новинарите да потпишат пристапница на Македонската асоцијација на новинари (МАН). Новинарите биле условени да го сторат тоа, во спротивно сопствениците им се заканиле дека ќе ги отпуштат. Објаснувањето на сите сопственици коишто го вршат овој притисок врз новинарите е дека тоа мора да го прават зошто се уценети со реклами. Сметаме дека овие форми на притисок претставуваат груба злоупотреба на моќта на јавните функционери со кои имаат за цел да ги заплашуваат новинарите и директно ги кршат основните човекови права, правото на слободно здружување и слободата на изразување.
Ги повикуваме членовите на ЗНМ да не потклекнат на ваквите притисоци, а од претставниците на локалната и централната власт бараме веднаш да престанат со ваквите непримерни однесувања. Доколку овој вид на притисок против медиумите и новинарите не престане, ќе покажат дека намерата на власта не е да ги решат проблемите со слободата на медиумите туку и да ја контролира слободата на здружување на новинарите.
Владата очигледно има проблем со позициите на ЗНМ во врска со слободата на изразувањето и Нацрт законот за медиуми и аудиовизуелни услуги. Нашето здружение, во рамките на јавните дебати, но исто така и на неформални средби одржани со високи владини претставници, инвестира огромни конструктивни напори за заеднички да се подобри текстот на нацрт-законот за медиуми, постојано повторувајќи ги нашите препораки коишто се во согласност со оценките и анализите на Советот на Европа и ОБСЕ. Затоа ги суспендираме сите контакти со властите сѐ додека не престанат притисоците врз новинарите“ се вели во реакцијата од ЗНМ.