Пендаровски во МАНУ: Државата нема да ја изгубиме, но важно е дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци
Големите прашања и дилеми од раните 1990-ти кога ја стекнувавме независноста, денес, не се повеќе на дневниот ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето на сопствена, независна држава е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно атлантската алијанса како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет., изјави претседателот Стево Пендаровски денеска на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“.
Научниот собир се одржува во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Институтот за национална историја, а под покровителство на претседателот.
– Се разбира, ако сакаме (зборувам за државните политики), можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата, вели Пендаровски.
Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома,истакна претседателот во говорот.