Дедо Мраз од Лапонија тргна на своето годишно патување (видео)
24.12.2020
Финскиот Дедо Мраз, познат како Јолупуки, во средата свечено тргна на пат за годишното божиќно патување од Лапонија.
Традиционалниот почеток на патувањето беше пренесуван во живо на „Фејсбук“.
– Живееме во комплициран период, Божиќ ќе донесе кратка пауза, иако тој период продолжува. Сега е време да се релаксираме и да го поминеме времето со семејството – рече Јолупуки во своето Божиќно обраќање.
Тој додаде дека е важно да се обрне внимание на семејството и пријателите за никој да не се чувствува осамен на тој посебен ден, нагласувајќи дека постојат многу начини на комуникација.
– Бидете здрави и следете ги препораките против коронавирусот. Среќен Божиќ – рече тој пред да тргне на пат.
Финскиот Дедо Мраз ќе помине повеќе од 450 милиони километри за навремено да им го честита Божиќ на сите.
Дедо Мраз претходно контактираше со сите земји во светот преку Министерството за надворешни работи на Финска и сите, без исклучок, му рекоа дека ограничувањата наметнати поради вирусот ковид-19 „не важат за летачки ирваси, ако носат санки полни со подароци“.
Министерството посочи дека Дедо Мраз, г-ѓа Дедо Мраз, нивните ирваси и џуџиња строго ги почитуваат мерките против вирусот Kовид-19.
Мите Јаначков