Значајни совети за купување на лаптоп
Сепак кога треба да работите нешто посериозно или едноставно сакате да се опуштите со некој добар филм потребен ви е „вистински“ компјутер. Лаптопот за разлика од смартфоните и таблетите нуди физичка тастатура и е попогоден за мултитаскинг. Доколку претходното се надополни со далеку подобрите перформанси кои може да ги понудат овие уреди јасно е дека поседувањето на лаптоп е потреба речиси за секого. Има широк спектар на големини, карактеристики и цени на лаптопи, што го прави изборот на вистинскиот уред предизвик. Клучна работа што треба да ја направите пред вашиот избор е да определите какви се вашите потреби, односно за што би го користеле уредот.
Поддршката е клучна при изборот на лаптоп
Ова е веројатно најважната задача при изборот на вашиот нов лаптоп. Голем дел од производителите и продавачите со трката за пониски цени го занемаруваат квалитетот и речиси и да немаат поддршка.
Со цел да ја понудат најдобрата цена и да имаат што поголема продажба, на пазар каде постојат недостатоци во заштитата на правата на потрошувачите, голем дел од продавачите на ИТ опрема едноставно не се оптоваруваат со поддршката и сервисот на продадените уреди. Во сервисите кои ги поседуваат само за да ги исполнат минималните услови за продажба на ваква опрема работи ниско платен, нестручен кадар, уредите се задржуваат многу долго, а во многу случаи и проблемите кои се појавиле кај уредот не се отстрануваат целосно што поради нестручност, што поради не поседување на соодветна опрема и резервни делови.
Поради ова немојте веднаш да го купувате уредот од онаа продавница која ја нуди најдобрата цена! Уредот кој на почеток ќе го купите по нешто пониска цена, подоцна може да ве оптовари со високи трошоци за одржување особено по истекот на гарантниот рок.
Проверете ги следниве работи:
Колкав е гарантниот рок на уредот?
Барајте уреди со што подолга гаранција – за ИТ опрема идеална гаранција би била 5 години – во просек тоа е времето на амортизација на ваквите уреди па целиот животен век вашиот уред ќе биде под гаранција и сите сервиси за вас ќе бидат бесплатни.
Дали продавачот поседува сопствен овластен сервисен центар?
Побарајте продажен и сервисен партнер кој е овластен од страна на производителот на опрема.
Дали и по истекот на гарантниот рок ќе можете да набавите резервни делови?
Доколку сакате сигурен и стабилен сервисен партнер проверете ја референтната листа на компанијата. Компаниите кои соработуваат со финансиски институции, јавен сектор и големи компании се најдобро снабдени со резервни делови и имаат квалитетна поддршка.