Тинејџерката иноватор Гитанџали Рао прогласена за прво „дете на годината“ според „Тајм“
04.12.2020
15-годишната Гитанџали Рао, која се занимава со наука и иноваторство е прогласена за прво „дете на годината“ според списанието „Тајм“.
Рао, која живее во американскиот град Денвер, има пронајдено нови технологии во многу различни области, како уреди кои откриваат олово во вода за пиење, како и апликација која користи вештачка интелигенција за регистрирање сајбер-малтретирање.
Таа вели дека ова признание може да инспирира многу други млади луѓе да сонуваат за идеи кои би ги решиле светските проблеми.
Рао била избрана во конкуренција на 5.000 млади номинирани за оваа награда. Списокот потоа бил стеснет на пет финалисти од страна на жири составено од млади луѓе, меѓу кои и комичарот Тревор Ноа.
„Не изгледам како типичен научник. Од она што го гледам на телевизија, научниците вообичаено се стари, претежно белци и мажи“, вели тинејџерката во интервју за списанието кое го водела актерката и хуманитарка, Анџелина Џоли.
„Мојата цел се промени, не само во создавање на мои уреди со кои би се решиле светските проблеми, туку и инспирирање на други да го прават истото. Бидејќи, од мое искуство, не е лесно кога немате пример кој е сличен на вас. Па навистина сакам да ја упатам оваа порака: ако јас можам, можеш и ти, можат сите“, објаснува Рао.
Списанието „Тајм“ е препознатливо по својата награда за „личност на годината“, но ова е прва година во која доделуваат и награда за „дете на годината“.
Минатата година климатската активистка Грета Тунберг, со 16 години, стана најмладиот човек кој го добил признанието за „личност на годината“ на „Тајм“.
Mите Јаначков