Изложба „Манаки фотографии Одблиску“
Желбата да го зачуваат времето направи да влезат во антологијата на светската кинематографија како први сниматели на Балканот. Но, до крајот на својот живот тие и останаа верни на фотографијата, третирајки ја како уметност и користејки ги во целост можностите на фотографскиот медиум. Фотографското наследство на Браќата Манаки, составено од 18.513 негативи, од кои 7.115 стаклени плочи и 10.952 оригинални фотографии, изработени во фотолабораторијата на Манаки, дава можност за најразлично толкување на нивното творештво.
Изложбата, што синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес, прикажува дел од нивната работа.
„Велес е град кој што изобилува со познати фотографи а меѓу нив е секако и првиот фотограф со потпис во црквата Свети Димитрија. Познатиот фрескосликар ХаџиКосте зоограф воедно се потпишува и како фотограф на фреската од 1855 година во црквата. Подоцна имаме повеќе познати фотографи како што е Дрнков. Овој пат имаме чест да присуствуваме на отворањето на изложбата на најпознатите фотографи и сниматели на Балканот, Браќа Манаки,“ рече директорката на Народен Музеј во Велес, Елица Николова.
Изложбата „Манаки фотографии Одблиску“ е проект на Дирекцијата за култура и Министерството за култура. Таа досега била поставена во повеќе градови во државата, рече Нате Кецкарова.
„ Оваа изложба на фотографии на Браќа Манаки е само еден мал дел од поголема изложба што беше претставена во Скопје и во Брисел на авторот Роберт Јанкуловски. Ексклузивноста на изложбата е во тоа што фотографиите се направени од оригиналните стаклени плочи во дисперзирана фотолабораторија во Македонскиот центар за фотографија,“ рече Кецкарова.
Во наредните седум дена љубителите на овој вид уметност ќе имаат можност да ги погледнат фотографиите од кои е составена изложбата во Ликовниот салон во Велес.