Велешки „Green Power“ дел од меѓународен проект за следење и спречување локална корупција!
Еколошката групација со уште седум здруженија од повеќе градови од земјава се вклучени во меѓународниот проект „Размена на најдобрите практики од ЕУ за следење и спречување корупција на локално ниво“ финансиран од Европската Унија. Неговата основна цел ќе биде да се промовираат и поттикнат практикте за антикорупција на локално ниво што ќе овозможи на локално ниво социјални економски и еколошки развој. Од „Green Power“ велат дека за нив е вистински предизвик да се работи на овој проект.
„Ќе се обидеме да одговориме на задачите кои ќе треба да ги исполниме, а тоа ќе се одвива во неколку фази. На средината на февруари заминуваме во Хрватска каде ќе учиме од практиките на колеги од тамошните партнерски здруженија кои до сега имаа искуство со слични проекти. Во втората фаза ќе истражуваме и ќе имаме аналитички активности за транспарентното работење на локалните самоуправи и дали постојат коруптивни моменти, додека третата фаза вклучува подигање на свеста на граѓаните за работењето на општините. Токму граѓанинот е во центарот на вниманието на нашиот проект и до него треба да допре пораката која ќе произлезе од истражувањето“, вели Игор Смилев, претседател на Green Power.
Реализацијата на проектот е поттикната од потребата за активни и свесни граѓани кои би требало да бидат основа за транспарентна влада без корупција велат од здружението. Во него ќе учествуваат осум невладини организации кои ќе работат во две до три оптини во планските региони на кои е поделена земјава. Green Power ќе ги има под лупа општините Велес и Градско. Проектот го имплементира Центарот за истражување и креирање политики, ќе трае до средината на следната година, а на крај ќе се издаде Студија за локална одговорност и транспарентност која ќе биде испечатена и поделена во институциите и до граѓаните./Б.Н